Пратеникот на ДОМ, Мирослав Богдановски, кој денеска си поднесе оставка од пратеничката функција, соопшти дека се враќа на работа во Инспекторатот на Град Скопје.
„Граѓаните бараат зелени, чесни и бескомпромисни борци што се секојдневно на терен, далеку од удобните фотелји. Зелените не се елитисти и демагози, туку луѓе од акција. Јас како дел од Европските зелени, со тоа убедување чекорам повеќе од деценија и сметам дека многу повеќе може да се направи директно на терен отколку од говорница“,
објави тој на својот фејсбук-профил.
Богдановски во изминатиот период имаше несогласувања со раководството на ДОМ, по што тој и актуелната директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска останаа без потпретседателските позиции во партијата. Веднаш потоа Богдановиќ најави дека ќе дејствува независно во парламентот, а денеска поднесе оставка. Во објавата на Фејсбук не штеди критики за актуелното раководство на ДОМ.
„Сакам со својот тим од Инспекторатот на Градот Скопје и во соработка со директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска решително да придонесеме во спроведувањето на Зелениот договор на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан. Да потсетам, јас и Ана Петровска бевме нестатутарно разрешени од потпретседателските позиции во партијата од малцинска група на елитисти во ДОМ предводени од претседателката Маја Морачанин. И покрај тоа, продолжуваме да се бориме за зелените вредности исто како и досега, во интерес на зелените активисти и граѓаните. Ќе покажеме и докажеме дека борбата на терен е нашиот својствен начин за остварување на зелените политики“,
вели Богдановски.
Со неговата оставка, Морачанин останува единствена пратеничка на ДОМ во овој собраниски состав, која е дел од парламентарното мнозинство, иако во овој период имаше издвоено мислење, односно спротивен став од СДСМ и другите владејачки парти за одредени прашања, посебно во делот на урбанизмот и животната средина.
Богдановски e пратеникот кој пред извесно време дојде со скафандер во парламентот, заедно со пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска, за да обезбеди кворум за донесување неколку закони, иако и двајцата беа позитивни на ковид-19.
Тој влезе во Собранието од листата на коалицијата на СДСМ во првата (скопска) изборна единица. На неговото место во парламентот влегува Даниела Николова од Аеродром, со што СДСМ добива уште еден пратеник од своите редови.
поврзана вест: Превирања во ДОМ: Изгласана недоверба на Петровска и Богдановски за потпретседателските позиции