Пратеничката ги повика надлежните институции итно да реагираат, а на семејството му вети безбеден покрив над главата и долгорочна поддршка
Пратеничката во Собранието од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, преку својот профил на Фејсбук јавно ѝ понуди помош и безбедно сместување на Меланија од Куманово и на нејзиното семејство, откако девојката јавно апелираше за спас од насилството со кое се соочуваат. Петровска напиша оти го следи случајот и дека нејзиниот тим веќе стои на располагање за итна реакција, а како конкретни чекори за помош, најави обезбедување привремено и безбедно сместување за Меланија, нејзините мајка, баба и братот кој има церебрална парализа.

Дополнително, Петровска кажа дека ќе иницира вмрежување со општествено одговорни компании, хумани луѓе и организации со цел да се обезбедат долгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие во иднина.
„Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност. Заштитата на жртвите мора да биде над сè“,
напиша Петровска.
Петровска напиша и дека ќе останат со семејството и ќе помогнат колку што можат сè додека не бидат целосно безбедни, и дека нема да дозволат оваа борба да ја водат сами.
Апелите на пратеничката доаѓаат откако Меланија од Куманово во јавно обраќање побара спас и помош за семејството оти се жртви на насилство од страна на нејзинот татко кој има душевно заболување.
