Пашоли, пратеничка од редовите на „Европскиот фронт“ денеска реагираше дека на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, материјалот бил доставен само на македонски јазик, а иако побарала пауза и превод, тоа не им било овозможено на пратениците од „Европскиот фронт“

Арбана Пашоли, пратеничка од редовите на „Европскиот фронт“, денеска реагираше дека на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, чија точка на дневен ред беше избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, имало доставен материјал само на македонски јазик.
Иако со колегите побарале пауза од 30 минути за материјалот да се достави и на албански јазик, таа вели оти паузата била прекината порано и членовите на Комитетот биле избрани на „шверцерски начин“.
„Имајќи предвид дека материјалот на денешната седница беше доставен само на македонски јазик, како член на Комисијата и заменик-координаторка и во име на пратениците на ‘Европскиот фронт’, побарав пауза за истиот да биде преведен и доставен на албански јазик. Ова е нешто коешто систематски се повторува. Претседателот на Комисијата даде пауза од 30 минути, но истата ја продолжи без да помине предвиденото време за пауза и без да добие потврда од пратениците на ‘Европскиот фронт’ за продолжување на истата. Како резултат на тоа, на шверцерски начин Комисијата ги избра членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, без присуство на нашите пратеници и без дебата“,
рече Пашоли на прес-конференција.
Според неа, „Европскиот фронт“ го носи легитимитетот на албанскиот глас со тоа што има најголем број пратеници Албанци во Собранието, а има и најголем број пратеници Турци. Рече дека ја изразуваат својата загриженост затоа што не се почитувал Законот за Комитетот, член 3 точка 4, кој на „Европскиот фронт“ му гарантира претставник на Турската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците.
„Ова не се случува првпат. Ние имавме реакции и на минатата седница на Комисијата за избори и именувања и веруваме дека ќе продолжиме нашиот став цврсто да го задржиме и на пленарната седница“,
додаде Пашоли.