Укинувањето на таксата од 100 отсто, која пред повеќе од една година ја воведе владата на Косово на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, е прашање на денови и таа ќе се замени со целосен реципроцитет кон тие држави, најавија претставници на коалициските партнери во новата косовска влада на денешната трибина на Косовскиот демократски институт (КДИ), јави МИА.
Пратеникот на движењето Самоопределување (ВВ), Артан Абраши, најави дека новите мерки кон двете држави ќе бидат воведувани постепено, но целосно.
Пратеникот од партијата на премиерот Албин Курти порача дека новата влада во дијалогот со Белград ќе настапи „со сериозност и јасни принципи“ и дека има „прашања и интереси на Косово за кои не може да се преговара“.
„Ова е поволен момент за Косово да воспостави одредени принципи. Во овој дијалог не може да има договор без да се расправи и разгледа секоја околност. Не веруваме дека комплицираните проблеми можат да се решат со едноставни избрзани решенија“,
изјави Абраши на трибината насловена „Дијалогот Косово – Србија: Што по формирањето на новата влада и американското вклучување“.
На овие најави се спротивстави Даут Харадинај, шеф на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на доскорешениот премиер Рамуш Харадинај, кој порача дека на преговарачката маса со Србија треба да се оди единствено со условот за меѓусебно признавање на двете држави.
Скептицизам кон мерките на реципроцитетот и барања да не се укинува таксата се додека Белград не го смени односот кон Приштина, изрази и пратеникот на исто така досега владејачката Социјалдемократска иницијатива (Нисма), Хаџи Шаља.