Евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју на Телма рече дека прашање на денови е кога Европската Комисија ќе ја предложи преговарачката рамка што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори со ЕУ.
„Да, ние рековме дека преговарачката рамка, првичната верзија на рамката, Комисијата ќе ја предложи во јуни, ние сè уште сме во јуни. Верувам дека во прашање се денови кога Комисијата ќе ја предложи преговарачката рамка, што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори. Да, сè уште има разговори кои се водат во последните минути, што не значи дека тоа се однесува на вашата земја. Повеќе станува збор за имплементацијата на новата методологија во преговарачката рамка“,
рече Жбогар.
Ова е новиот елемент, додаде тој, кој го немаше во претходните преговори, со Србија и Црна Гора.
„Малку е почувствително и сега се одвива одредено фино приспособување во Брисел за тоа прашање. Но и покрај тоа, рамката ќе биде усвоена. Ова е документот кој ќе ги води преговорите, ќе ги содржи принципите и упатствата. Суштината на преговорите, како и процедурата. Ова е нацрт, кој потоа ќе биде претставен пред земјите членки, но тоа е секако значаен документ. Значаен чекор на патот на вашата земја кон ЕУ“,
рече Жбогар.
Тој посочува дека го нема видено документот, за којшто сè уште ќе разговараат земјите членки, но убеден е дека нема да содржи негативни изненадувања по нас кога ќе го добиеме документот. Нацрт-верзијата ќе им биде презентирана на земјите членки, кои потоа ќе го финализираат документот, а таа финална верзија ќе биде позицијата на ЕУ за преговорите.