На Твитер, советникот на Стејт департментот, Дерек Шолет, објави дека е позитивен на коронавирусот и дека поради тоа неговата посета на земјите од Балканот ќе биде одложена за почетокот на 2023 година
Позитивен тест на ковид-19 е причината поради која советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шолет, во последен момент ја откажа посетата на Северна Македонија, која беше закажана за в среда, како дел од најавената турнеја низ земјите од Западен Балкан.
На Твитер, Шолет објави дека е позитивен на коронавирусот и дека поради тоа неговата посета на земјите од Балканот ќе биде одложена за почетокот на 2023 година.
„Жалам што ќе морам да го одложам моето патување на Балканот и Брисел поради позитивен тест за ковид. Ќе останам ангажиран за сите прашања во регионот на Балканот и со нетрпение очекувам да го остварам патувањето на почетокот на следната година“,
пишува Шолет на Твитер.
I regret that I will have to postpone my trip to the Balkans and Brussels due to a positive COVID test. I will remain engaged in all of the issues in the Balkans region and look forward to making the trip early next year.
— Derek Chollet (@CounselorDOS) December 12, 2022
Претходно денеска, од Амбасадата на САД во Скопје соопштија дека советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Шолет наместо в среда како што беше најавено, Северна Македонија ќе ја посети по Нова година, не наведувајќи ја причината за одложената посета.
Според првичната најава од Стејт департментот, Шолет во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Заедно со Шолет во Скопје се очекуваше да допатува и заменик-помошникот државен секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера е во Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Ескобар денеска се сретнал со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со премиерот Албин Курти, а за утре се предвидени средби со лидеритре на политичките партии.
Најавено е дека од Приштина Ескобар ќе отпатува за Белград, на средби со тамошниот државен врв, во врска со најновата криза предизвикана на северот на Косово, каде што локалните Срби поставија барикади и ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, „Јариње“ и „Брњак“.