Се прави процена дали ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување да се вклучи во гаснењето бидејќи ефикасноста на хеликоптерот во МВР во голема мерка помага кон спречување на ширење на пожарот, вели градоначалникот на Берово
Во моментов големиот пожар во Беровско е под контрола, објави предмалку на социјалните мрежи директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Дека пожарот кој беснее над беровското село Митрашинци се става под контрола претходно објави и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, откако утрово во 5 часот во гаснењето се вклучи и хеликоптер на МВР.
„Ситуацијата е комплицирана, но од првичните информации од пожарникарите на терен кои се во комуникација со пилотите на МВР се успева да се спречи проширувањето на огнот кон боровата шума. Во моментот се прави процена дали ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување да се вклучи во гаснењето бидејќи ефикасноста на хеликоптерот во МВР во голема мерка помага кон спречување на ширење на пожарот“,
вели Пекевски.
Градоначалникот јавни им се заблагодари на пожарникарите, МВР, ЦУК, екипите од „Македонски шуми“ и граѓаните доброволни бидејќи со заеднички напори спречуваат да се случат минатогодишните катастрофални пожари во Малешевијата.
„Очигледно е дека системот функционира ефикасно и со посветеноста на сите вклучени луѓе ќе успееме да го локализираме пожарот“,
додава Пекевски.
Во источниот регион вчера имаше уште еден пожар помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште, но портпаролката на Општина Делчево, Даниела Такева, повикувајќи се на информации од регионалниот ЦУК информираше дека пожарот синоќа околу 19 часот бил изгаснат.
Процените на Регионалниот ЦУК се дека била зафатена површина од 40 хекрати, претежно сува треба, дабова и борова шума.