Пожарот кој веќе неколку дена гори во беровскиот регион и понатаму се гасне, јави МИА. Според дописниците на агенцијата, пожарникарите и граѓаните од Берово кои учествуваат во неговото гаснење ќе останат на терен до негово целосно локализирање. Од утрово, повторно се гасне и од воздух.
„Со цел скратување на времето за полнење вода од Беровско Езеро, во село Будинарци поставен е импровизиран базен, од каде хеликоптерот ќе полни вода заради побрза интервенција“,
вели Сашо Руменовски, командир на Територијалната противпожарна единица од Берово.
Руменковски додава дека од утрово, контролата за справувањето со огнената стихија ја презел Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи. Според проценките, пожарот досега зафатил високостеблеста дабова и букова шума со површина од околу 50 хектари.
Токму Управувачкиот комитет синоќа одржа седница за состојбата со пожарите во земјата, по која беше соопштено дека стихијата е ставена под контрола. Терминот „под контрола“, сепак, не означува и дека пожарот е изгаснат туку дека е запрено неговото неконтролирано ширење. Владо Клинчарски од ЈП „Македонски шуми – Малешево“ синоќа изјави дека барем на едно место во беровско има потешкотии поради проблемите со посилен ветер и високи температури.