Двата пожари кои вечерва избувнаа, во Сопиште и во Арачиново, се ставени под контрола, потврди за 360 Степени, командирот на противпожарната бригада Владимир Симоновски. Како што информираше тој, горела нискостеблеста шума, трска, сува трева.
„Пожарот во Арачиново е изгаснат, додека пак пожарот во Сопиште е под контрола, но проценките се дека за брзо ќе биде целосно изгаснат и тој“,
ни изјави Симоновски.
За пожарот во Арачиново, тој се сомнева дека е подметнат, но причините дополнително ќе се утврдуваат за двата пожари.
„За пожарот во Арачиново се сомневаме дека е подметнат, бидејќи во текот на вчерашниот ден било запалено на истата локација само од другата страна на патот. Но, немало ветер и не се раширило. Симптоматично е, но допрва ќе ги утврдиме причините“,
изјави Симоновски.
Тој додаде дека денешниот ветер придонел за ширење на пожарите, но пожарникарската служба навреме ги спречила. Пожарникарски екипи се сè уште на терен.