Воздухот во пошироката област е задушлив поради горењето на пластични материјали, а Властите препорачуваат жителите, особено постарите лица и лицата со респираторни проблеми, да избегнуваат непотребни патувања и да ги држат прозорците на своите домови затворени

Повеќе од 16 часа гори пожар во фабрика за пластика и хартија во областа Егалео во западна Атина, пишуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал вчера напладне, а по повеќе од 16 часа од неговото избувнување, пожарот сè уште гори поради огромниот обем запаливи материјали што се наоѓале во магацините и во просториите на фабриката. Густ црно-бел чад продолжува да се издига од зградата, додека противпожарните екипи дејствуваат на местото на настанот со континуирано прскање со вода.
Операцијата за гаснење на пожарот станала особено тешка, бидејќи дел од покривот на зградата се урнал поради високите температури. Тоа, како што се додава во медиумите, го зголемило ризикот за пожарникарите, но, за среќа, нема повредени.
Воздухот во пошироката област е задушлив поради горењето на пластичните материјали, а властите препорачуваат жителите, особено постарите лица и лицата со респираторни проблеми, да избегнуваат непотребни патувања и да ги држат прозорците на своите домови затворени.
Причините за пожарот засега се непознати, а надлежните истражни службеници на Противпожарната служба спроведуваат прелиминарна истрага.
