На терен интервенираат екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје
Попладнево е регистриран пожар во близина на парк-шумата Гази Баба, во околината на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Зафатена е сува трева.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека пријавата за пожарот била добиена преку Единствениот број за итни случаи 112 во 19:15 часот. Оттаму додаваат дека на терен во моментов интервенираат екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
„Добиена е пријава за пожар на отворен простор во близина на последната автобуска станица на линијата 16, во непосредна близина на парк-шумата Гази Баба. Гори ниска вегетација“,
информираат од ЦУК.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) оценија дека засега нема опасност од ширење на огнот и дека се очекува пожарот брзо да биде изгаснат.
