Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, доцна попладнево објави нова порака на својот профил на социјалната мрежа Твитер која се однесува на македонскиот јазик.
„Не може да има сомнеж дека македонскиот јазик е вашиот јазик. Ние целосно го почитуваме тоа“,
напиша фон дер Лејен.
Во прилог на денешната објава Урсула фон дер Лејен го ставила и видео материјал со исечоци од нејзиното вчерашно обраќање во македонското Собрание.
There can be no doubt that the Macedonian language is your language. We fully respect that. https://t.co/YcFx63cBJZ
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 15, 2022
Објавата на Твитер на профилот на претседателката на Европската комисија доаѓа откако попладнево портпаролка на ЕК одби да даде прецизен одговор – дали настапот на Урсула фон дер Лејен значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик. Одговарајќи на новинарско прашање на дописничката на МИА во Брисел, Тања Милевска, Дана Спинант рече дека вчера претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, говорела за „јазикот што го користат луѓето во Северна Македонија“.
„Изјавата на претседателката значи тоа што значи. Таа зборува за јазикот користен од луѓето во Северна Македонија, што таа го нарекува македонски јазик. За импликациите што ова ќе го има за нешто што е повеќе техничко како, на пример, Договорот за Фронтекс, ќе прашам. Проверував за да видам дали има нешто ново, но нема. Ќе проверам дали има нешто ново и дополнително ќе ве информирам, сега засега нема ништо ново“,
рече Спинант.
Ставот на Спинант предизвика реакции и од Владата на РСМ. Националниот координатор за Отворен балкан и регионални иницијатива, Марјан Забрчанец, вели дека овој гаф предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ и побара корекција.