Инаку, на почетокот на седницата претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самопурава да интервенира откако градоначалничката на Скопје му го одзеде копчето за вклучување и исклучување на микрофините на советничката говорница
Денешната седница на Советот на Град Скопје, на која на дневен ред беа советнички прашања, по паузата продолжи со нова епизода на манифестирање на отворено нетрпение меѓу претседателот на Совет, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска, која овој пат го нарече „Хитлер“, „деспот“ и „тиранин“.
Откако Славески даде пауза поради неможноста да се користи говорницата во салата на Советот на Град Скопје бидејќи копчето за вклучување и исклучување на микрофоните е отстрането, таа продолжи со упатство од првиот човек на Советот неговите колеги да се обраќаат од место или, пак, како опција им го понуди местото до него.
Претходно тој го зеде микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса откако службите не му го вратија копчето за вклучување и исклучување на микрофонот на говорницата.

Во тие моменти за збор се јави градоначалничката Арсовска, која Славески ја упати на микрофонот и местото до него, дофрлувајќи ѝ дека таа фотелја е многу поудобна од, како што рече, магарешките клупи во кои седи таа во задните редови од салата.
Арсовска, сепак застана на говорницата, со насмевка го проследи дофрлањето на претседателот на Советот, а потоа до неа дојде човек, веројатно од техничката служба на Град Скопје кој и намести мал микрофон т.н. „бубачка“.
Во истиот момент Славески повторно даде пауза од 15 минути бидејќи како што истакна повторно има неовластено користење на опремата и стана до своето место.

„Г. Хитлер не ви доликува да го правите овој циркус во овој Совет. Навистина е недолично тоа што го правите. Прво го кршите Уставот потоа сте ситен лопов и сте човек којшто краде и не е во ред тоа што го правите. Крадете. Тој микрофон е сопственост на Град Скопје и на службите“,
му се обрати Арсовска на Славески.
По ваквите обвинувања тој се врати, застана пред неа држејќи ги нервозно рацете на колковите прашувајќи ја градоначалничката: „Каде е украден?”
„Каде е украден тоа вие ќе кажете“,
одговори Арсовска.

И по втората пауза, повторно продолжи расправијата меѓу градоначалничката на Скопје и претседателот на Советот на Градот.
„За дванаесет месеци не научивте да водите седница и тоа само докажува дека вашиот капацитет е нула исто како што ви е интегритетот и согласно закон имаме право да избереме на кој начин ќе се изјасниме. Вие сте тука и деспот и тиранин“,
рече Арсовска.
„И Хитлер сум, друго нешто имате?“, викаше од своето место Славески, барајќи од Арсовска да ја напушти говорницата и да му го отстапи местото на советникот Шутаров.
„Немате право да одземате збор на градоначалник. Согласно Деловникот вие имате право да му го одземете зборот на советник, но не и на градоначалчникот“,
реагираше Арсовска.

По ова Славески ја прекина седницата поради, како што рече, опструкции од страна на градоначалникот и заради нејзино недолично однесување.
„Единствено недолично однесување во оваа сала имате вие. Вие сте деспот и тиранин. Жал ми е што си ја завршивте кариерата како деспот. И немојте да ги организирате синдикатите против овој град. Вие директно му штетите на овој град со вашето однесување. Во два часот ако сте организирале да го тероризирате градот преку вашите политички синдикати да знаете дека граѓаните тоа го гледаат“,
продолжи Арсовска додека советниците ја напуштаа пленарната сала на Град Скопје.
Седницата Славески ја презакажа за 14 ноември.
Инаку, на почетокот на седницата претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самопурава да интервенира откако градоначалничката на Скопје му го одзеде копчето за вклучување и исклучување на микрофините на советничката говорница.
На Славески му беше одземена оваа можност откако тој на седницата што се одржа на 29 септември ѝ го исклучи микрофонот на Арсовска.
Тогаш градоначалничката на Скопје, Арсовска, и Славески влегоа во конфликт откако таа му се обрати со „Талат Славески“, затоа што беше предупредена од првиот човек на Советот да не го споменува името на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не е присутен во салата.
Видно нервозен, Славески ѝ ги исклучи микрофоните на градоначалничката и побара од неа да ја напушти говорницата, а потоа ја прекина седницата.