Филмот „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски доби номинација во категорија за најдобар филм на меѓународниот фестивал „Рејнденс“ во Лондон. Манчевски, пак, е номиниран во категоријата за најдобар режисер.
На најголемиот фестивал за независен филм во Велика Британија, предводник на жирито е Џереми Ајронс, актерот кој во 1994 година ги соопштуваше номинациите во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на „Оскарите“ каде што „Пред дождот“ на Манчевски беше номиниран.
Како што соопшти продукцијата „Банана филм“, годинава на фестивалот во Лондон во секоја категорија се номинирани по три филма, а „Врба“ доби номинации во две категории.
Настапот на фестивалот „Рејнденс“, кој ќе се одржи од 28 октомври до 7 ноември, е и британска премиера на „Врба“, чиј продуцент е и легендарниот британски продуцент и основач на „Вирџин рекордс“, Ник Пауел. Организаторот на фестивалот го издвојува „Врба“ како еден од хитовите на програмата, а ќе се прикаже во селекцијата „Женски поглед“.
Поради пандемијата, 28-от „Рејнденс“ годинава ќе се одржи во хибридна форма, онлајн и во живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери. На 28 октомври ќе има гала отворање со „Стардаст“ на Габриел Рејнџ за Дејвид Боуви. Победата во конкуренцијата за краток филм на „Рејнденс“, исто така, носи и квалификација за „Оскар“ и за наградите БАФТА.
„Врба“, шестиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока, Сараево и Пекинг.
Минатиот месец, како што потсетуваат, најпознатото филмско списание на светот, „Варајати“, објави рецензија за „Врба“ насловена како „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, во која меѓу другото се вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.
„Врба“ ја освои и наградата за најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.