Според првичните информации, возачот на патничкото возило е тешко повреден, а четири деца што се превезувале во автобусот се полесно повредени
Четири деца и двајца возрасни се повредени во сообраќајна несреќа што попладнево се случила на Ибарската магистрала во близина на српскиот град Маглич.
Несреќата се случила при судир на автобус и автомобил. Како што пренесуваат српските медиуми, автомобилот марка „пежо“, движејќи се од Рашка кон Краљево, преминал на левата коловозна лента и се судрил со автобус што доаѓал од спротивен правец, а во кој се превезувале деца од основно училиште од Косово кои се враќале од Златибор.
Според првичните информации, возачот на патничкото возило е тешко повреден, а четири деца кои се превезувале во автобусот се полесно повредени.
„Четири деца на возраст од 9 до 14 години се здобиле со полесни повреди. Тие се пренесени во болницата во Краљево“,
соопшти полицијата.
Од болницата во Краљево велат дека три деца се задржани на опсервација, а едно е пуштено дома.
Возачот, кој има скршеници, бил препратен на хируршкото одделение во краљевската болница откако пожарникарите го извлекле од автомобилот.
Хирургот Милан Максимовиќ во изјава за РТС вели дека возрасните лица што се повредени се на возраст од 25 и 30 години.
„По дијагнозата, едното лице е испратено на домашно лекување, додека другото лице со тешки физички повреди, кои не опасни по живот, е сместено на Одделот за интензивна нега. Ќе биде извршена операција од областа на ортопедија“,
вели Максимовиќ.