Според командирот на скопската противпожарна бригада и во самата дојава за пожарот имало дека во станот има повозрасно неподвижно лице, а по расчистувањето на објектот, откако огнот бил изгаснат, во него било најдено безживотното тело
Од МВР информираат дека станува збор за 76-годишно лице со иницијали Г. Б.
Едно повозрасно лице го загубило својот живот во пожарот што утрово избувнал во стан во скопската општина Аеродром, потврдија за „360 степени“ од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) Скопје.

Телото на починатото лице, според командирот на скопската противпожарна бригада Ѕвонко Томевски, било пронајдено при расчистувањето на опожарениот стан од страна на пожарникарите.
„И во самата дојава за пожарот имаше информација дека во станот има неподвижно повозрасно лице. Во расчистувањето на објектот е пронајдено едно починато повозрасно лице“,
изјави Томевски за „360 степени“.
Инаку, дојавата за пожарот во БППЗ Скопје стигнала утрово во 6:35 часот, по што било интервенирано со седум противпожарни возила и 15 пожарникари.
При интервенцијата, пожарникарите успеале да спречат огнот да се прошири и да ги зафати горните катови од зградата на улицата „Пандил Шишков“ во Аеродром.
„Пожарот е задржан во рамките на станот и не е дозволено проширување на горните катови, иако огнот почнал да се шири и надвор од станот. Пожарот е изгаснат и екипите се повлечени од терен“,
вели Томевски.

Дека во опожарениот стан, кој се наоѓа на 6. кат од зградата е пронајдено безживотно тело, за „360 степени“ потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за 76-годишно лице со иницијали Г. Б.
„Утрово (11.01.2024) околу 6.40 часот во СВР Скопје е добиена пријава за пожар во стан во зграда на ул. ’Пандил Шишков’ во Скопје. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а во станот е пронајден починат Г. Б. (76). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од МВР.
На терен, како што претходно утрово информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), излегле и екипи на Итната медицинска помош.