Според Битиќи ова е мерка што оди паралелно со сите движења, а доколку има предлог од пратениците Владата нема да биде против одложена примена
Доколку повисоката стапка за даночење за пелети, печки и котли на пелети, во овој период значи дека ќе биде голем удар за граѓаните може за ова да има отстапувања од Владата, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во вечерашното гостување на ТВ Канал 5.
На прашањето дали со оваа мерка се стимулира граѓаните да се вратат на користење на огревно дрво, Битиќи вели дека ова е мерка што оди паралелно со сите движења, а доколку има предлог од пратениците Владата нема да биде против одложена примена.
„Не, огревното дрво е секако уште поскап и позагадувачки продукт. Ова е мерка која што оди паралелно со сите движења. Да, пелетите се поеколошки, но не се најеколошкиот производ којшто може да се искористи за загревање. Секако сметам дека решението, ова е предлог којшто е дојден од Министерство за животна средина веројатно во истата форма во која што беше претходно дадено. Овде механизмот на пратениците за одредени амандмани, ако навистина има таква реакција, пратениците се најповикани да дадат свој предлог како тоа би требало да изгледа. Јас мислам дека Владата нема да има против на одложена примена дури да го прифати кој било предлог којшто евентуално пратениците би го дале“,
рече Битиќи.
Според Битиќи, како држава, мора да се свртиме кон еколошки начин на загревање.
„Се знае дека електричната енергија и гасот би биле најдобра и најпосакувана можност за загревање и особено таму каде што има организиран начин на загревање. За жал, бидејќи не се направени предусловите наназад 33 години да се користи масовно, има вакви отстапки. Така што, јас лично сметам дека во однос на тоа може да има отстапувања од страна на Владата ако сметаме дека во овој временски период тоа навистина ќе значи голем удар за граѓаните“,
посочи Битиќи.
Со Предлог законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, што го усвои Владата на 11 јули, меѓу останатото се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластените пет проценти на редовната стапка од 18 проценти.
За новиот Закон за ДДВ и за повисоката стапка за даночење за пелетите, но и печките и котлите на пелети за следната грејна сезона, денеска министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ДДВ за овие производи било намалено како мерка која била времена.
„Мерките што ги носевме беа времени, кои се однесуваа за справување со одредени кризи, почнувајќи од пандемијата, енергетската, па ценовната криза. Таму има простор, рамка, каде што во одредени моменти, кога ќе има дисбалансирање на пазарот за одредни производи, вклучувајќи ги и пелетите, ако се забележи дека има злоупотреба на цените за одредни производи, во овој случај на пелетите, тогаш Министерството за економија на првата владина седница може да ја укине целосно мерката како што тоа го има направено и претходно преку т.н. автономни мерки, каде се прават нула сите давачки“,
рече Бектеши во интервју за Гласот на Америка.