Агенцијата АФП пренесува дека Киев со недели предупредува дека Москва би можела да се обиде да ги нападне североисточните погранични региони на Украина, обидувајќи се да добие предност бидејќи Украина се соочува со одложување на западната воена помош и недостиг на луѓе
Повеќе од 4 000 луѓе се евакуирани од пограничните области во североисточниот регион Харков во Украина по ненадејната руска офанзива што што Москва ја започна во петокот, изјави денеска локалниот гувернер, јавуваат агенциите.

Имено, во петокот на 10 мај Украина објави дека Русија започнала напад врз регионот Харков и напредува кон граничната зона од која беше истисната пред речиси две години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските војници вршат контранапади врз пограничните села во регионот на Харков.
„Одговорот на офанзивните планови на Русија сега е наша задача број еден“,
рече Зеленски.
Тој го повтори повикот до сојузниците да ја забрзаат испораката на оружје за Украина.
Агенцијата АФП пренесува дека Киев со недели предупредува дека Москва би можела да се обиде да ги нападне североисточните погранични региони на Украина, обидувајќи се да добие предност бидејќи Украина се соочува со одложување на западната воена помош и недостиг на луѓе.
Во меѓувреме, украинското беспилотно летало утрово погодило рафинерија во рускиот регион Волгоград, предизвикувајќи пожар, соопштил гувернерот на регионот.
Од Руското Министерство за одбрана соопштија дека биле пресретнати вкупно осум напади со беспилотни летала, од кои еден во јужниот регион Волгоград. Според локалните власти, пожарот во рафинеријата е изгаснат, а нема информации за жртви.
Според официјалната веб-страница, рафинеријата во Волгоград, во сопственост на руската компанија „Лукоил“, е најголемиот производител на нафтени деривати во југозападна Русија.
Украина ги засили нападите со беспилотни летала на руска територија оваа година, настојувајќи да го премости недостигот од воена опрема и луѓе по повеќе од две години борби откако Русија започна воена инвазија на земјата.
Додека украинските сили ги засилуваат нападите во Русија и врз областите окупирани од Русија во Украина, енергетските капацитети во Украина се меѓу главните цели на руската војска.