Обвинителката рече дека целта во евентуалните спогодби ќе биде дали обвинетите се спремни да ја вратат имотната корист со која се стекнале со извршувањето на кривичните дела
Истрагата за случајот „Империја“ заврши и до крајот на мај би требало да има одлука од обвинителството за кои лица и кривични дела ќе има обвинение, рече денеска обвинителката Лиле Стефанова која работи на овој предмет.
Истрагата додека траела се проширила за нови кривични дела и нови лица, а обвинителката смета дека се собрани квалитетни докази и очекува ова да биде успешен предмет во кој ќе се докажат дејствијата и ќе има конфискација на имот. Станува збор, според нејзината изјава, за имот кој е со „многу поголема“ вредност од денеска конфискуваниот со првостепената пресуда во „Плацови на Водно“, за кој рече дека во моментов вреди три милиони евра.
Од дел од опфатените лица во „Империја“, како што изјави Стефанова, има и иницијативи да се спогодат, но дали тоа ќе се случи зависи од тоа колку се спремни да го вратат противправно стекнатиот имот.
„Во моментов нема спогодби, но има иницијативи за спогодување. Повеќе лица имаат поднесено иницијативи за спогодување. За лицата и делата нема да зборувам во моментов, соодветно ако бидат постигнати спогодби ќе бидете информирани… Нема кривично дело за кое не треба или не може да се прифати спогодба, но дали ќе се прифатат условите во постапката за спогодување зависи од тоа на што ќе се спогодат обвинетите. Целта ќе биде дали обвинетите се спремни да ја вратат имотната корист со која се стекнале со извршувањето на кривичните дела“,
рече денеска Стефанова.
Според нејзината изјава, од вчера започнале известувањата до лицата опфатени во случајот дека истрагата е завршена.
„Следуваат обвинетите во нивните 15 дена да доставуваат докази, да вршат преписи иако сите тие извршија увид во доказите. Потоа, обвинителството, бидејќи долго време го работам предметот јас лично сметам дека е зрел за одлука и мислам дека до крајот на месец мај ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за секое од делата и од обвинетите соодветно според прибавените докази“,
рече Стефанова.
Во рамки на „Империја“ минатата недела обвинителството поднесе барање за замрзнување на имот. Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје го прифати, а потоа одлуката беше потврдена и од кривичниот совет во овој суд.
Предметот претходно беше во рацете на СЈО, но по неговото згаснување премина во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Поранешното СЈО за отворање на истрага со кодно име „Империја“ информираше преку соопштение на својата веб-страница во 2018 година, кога наведе дека осомничени се: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Кривичните дела кои тогаш ги наведе СЈО како предмет на истрагата беа злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Дали и кои лица и кривични дела ќе бидат опфатени и со обвинението, треба да биде познато до крајот на мај до кога Стефанова најави дека би требало да има одлука.