За полнолетната 18-годишна осомничена, до надлежниот суд е доставен предлог за определување мерки за претпазливост, кои вклучуваат задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со нападнатото девојче

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против три девојчиња за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик, по случајот со врсничко насилство во градот, за кој беше објавена и видеоснимка на социјалните мрежи.
Постапката се води против една 18-годишна девојка, додека за две малолетнички на возраст од 14 и 15 години е поднесено барање за подготвителна постапка до судија за деца.
Од Обвинителството велат дека настанот се случил на 13 март годинава, кога трите осомничени натерале 13-годишно девојче да излезе од својот дом. Тие го убедиле девојчето да влезе во запуштена просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“.
Внатре во објектот, осомничените грубо ја навредувале жртвата, физички ја нападнале со удари по лицето и телото и ја кубеле за коса.
Целото насилство го снимале со мобилен телефон, а на нападнатото девојче му се заканиле по животот доколку го пријави настанот.
Реакцијата на надлежните органи уследи откако видеоснимката од насилството беше јавно споделена на социјалните мрежи. Обвинителството веднаш презеде дејствија за обезбедување на доказите.
За полнолетната 18-годишна осомничена, до надлежниот суд е доставен предлог за определување мерки за претпазливост, кои вклучуваат задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со нападнатото девојче.
Претходно вчера, шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, изјави дека веднаш по објавувањето на снимката од насилството е оформен предмет и се постапува по итна постапка.
За случајот денеска од Министерството за внатрешни работи рекоа дека поднеле кривични пријави против 18-годишничка П. А. од липковското село Лојане и против две малолетнички од Куманово на возраст од 14 и 15 години.
