Според наводите на МВР, на 13 март годинава, осомничените го повикале 14-годишното девојче да излезе од својот дом, по што го убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово, каде што го претепале и снимале
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави против 18-годишничка П. А. од липковското село Лојане и против две малолетнички од Куманово на возраст од 14 и 15 години во врска со најновиот случај со врсничко насилство во Куманово, за кој беше објавена и видеоснимка на социјалните мрежи.

Девојките се осомничени дека пред четири месеци извршиле насилство врз 14-годишно девојче. Според наводите на МВР, на 13 март годинава, околу 18:00 часот, тие го повикале девојчето да излезе од својот дом, по што го убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.
„Таму најпрвин ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале, при што целиот настан го снимале со мобилен телефон. По извршеното насилство, осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува настанот и да не зборува за снименото видео, заканувајќи ѝ се дека во спротивно ќе ѝ се случи нешто уште полошо“,
соопштија од МВР.
Претходно вчера, шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, изјави дека веднаш по објавувањето на снимката од насилството е оформен предмет и се постапува по итна постапка.
Ова е втор случај на врсничко насилство за кој месецов е објавена видеоснимка на социјалните мрежи. Претходниот беше во скопски Аеродром, кога 12-годишно девојче беше нападнато од свои врсници.
