Во врска со тројцата уапсени косовски полицајци во Србија, тој повтори дека тие биле грабнати на територијата на Косово
Сите поранешни југословенски република прогласија независност и тоа беше независност од Белград. Сега ни треба Србија да прогласи независност од Косово, од Северна Македонија, од Хрватска, од Словенија, од Црна Гора зашто Србија де јуре ја признава нивната независност, но тоа не го прави де факто. Сега сме во проблематично време, изјави премиерот на Косово, Албин Курти, во своето обраќање на „Преспа форумот“ кој се одржува во Струга.
Во врска со тројцата уапсени косовски полицајци во Србија, тој повтори дека тие биле грабнати на територијата на Косово.
„Пред два дена тројца полицајци беа грабнати од страна на специјални воени и полициски единици на Србија. Додека зборуваме тие се соочуваат со српски судови. Наводно обвинител го повлекол обвинението за тероризам против нив и тие сега се товарат за незаконско поседување оружје. Тие беа грабнати еден километар на територијата на Косово, тие беа во акција да спречат шверц на стока“,
рече Курти.
Тој нагласи дека нема да предаде демократска република на насилни националисти.
„Нема да предадам демократска република на фашистички милиции, на насилни националисти, на криминални банди. Нема да потклекнеме соочувајќи се со овие криминалци за кои утврдивме дека стрелаа врз НАТО-војници, косовски полицајци и новинари. Тие треба да се соочат со правдата. Не ги изедначувам насилните протести на северот со српската заедница. Имам министер од српската заедница во мојата влада“,
посочи косовскиот премиер.
Српските сили пред два дена уапсија тројца специјалци припадници на косовската полиција, за кои официјална Приштина и домашните медиуми тврдат дека биле киднапирани од маскирани припадници на српски сили внатре на косовска територија, во близина на меѓудржавната граница на север.
Белград, пак, тврди дека апсењето се случило на српска територија бидејќи косовските специјалци навлегле длабоко во централна Србија.
По ова, владата во Приштина одлучи да го забрани влезот на секој вид стоки од Србија во Косово.