Генералниот директор на ИАТА, Вили Волш, предупреди дека проблемот би можел да потрае неколку месеци, па дури и до следната година

Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА) предупредува дека повисоките цени на авионските карти во Европа се неизбежни поради растот на цените на млазното гориво.
Генералниот директор на ИАТА, Вили Волш, вели дека авиокомпаниите не можат долгорочно да ги апсорбираат зголемените трошоци за гориво, иако некои европски компании во последно време ги намалуваа цените на картите поради послабата побарувачка.
Волш во интервју за Би-би-си предупреди и на ризиците по снабдувањето во пресрет на летната сезона, наведувајќи дека британскиот авиосообраќај би можел да се соочи со потенцијален притисок врз резервите на гориво за време на врвот на сезоната, иако, како што нагласи, „нема причина за паника“.
Според него, дури и во случај на брзо отворање на Ормускиот Теснец, нарушувањата на пазарот на нафта и оштетувањата на рафинериите на Блискиот Исток би можеле да имаат долготраен ефект врз цените на горивото.
„Едноставно нема начин авиокомпаниите да ги апсорбираат дополнителните трошоци“,
рече Волш додавајќи дека евентуалните попусти би биле краткорочни и дека трошоците на крајот ќе се одразат врз патниците.
Тој предупреди дека проблемот би можел да потрае неколку месеци, па дури и до следната година.
По предупредувањата на европските авиокомпании дека недостигот на керозин би можел да се случи во рок од неколку недели доколку ситуацијата на Блискиот Исток остане непроменета, минатата недела Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија како алтернатива најави можност за увоз на гориво за авионите од САД.
Од туристичката индустрија пристигнуваат слични проценки – директорот на компанијата ТУИ, Себастијан Ебел, рече дека не очекува сериозни нарушувања во наредните месеци.
Сепак, порастот на цените на авионското гориво поради конфликтот на Блискиот Исток предизвика авиокомпаниите ширум светот да откажат околу 13 илјади летови закажани за овој месец, а тоа значи дека два милиони седишта се отстранети од нивните распореди. Податоците од аналитичката фирма за авијација „Цириум“ (Cirium) покажуваат дека авиокомпаниите ги приспособуваат своите операции на новите пазарни услови.
Организацијата „АЦИ Европа“ (ACI Europe) минатиот месец предупреди дека европските аеродроми ќе се соочат со „системски“ недостиг на гориво за авиони доколку Ормускиот Теснец не биде целосно отворен во рок од три недели.
„АЦИ Европа“, која ги претставува аеродромите на ЕУ, изјави дека резервите на гориво за авиони се намалуваат, додека „влијанието на воената активност врз побарувачката“ дополнително ги оптоварува залихите.
Европските авиокомпании рекоа дека би требало да имаат доволно гориво за неколку недели, но добавувачите не се во можност да гарантираат испораки.
