Комисијата планира да ги ограничи даночните правила на ЕУ за да ја фаворизира електричната енергија пред нафтата и гасот, и да им олесни на владите да ги намалат даноците за електрична енергија на индустриите на нула

Европската комисија денеска се очекува да ги утврди плановите за намалување на даноците за електрична енергија и координирање на летното полнење на складиштата за гас на земјите, бидејќи се обидува да ги ублажи последиците од енергетската криза од војната во Иран, пишува агенцијата Ројтерс.
Нацрт-предлозите, во кои имале увид, покажуваат дека ЕУ, засега, ќе избегнува големи пазарни интервенции како што се ограничувањето на цените на гасот или оданочувањето на неочекуваната добивка на енергетските компании – мерки што ги користеше во 2022 година кога Русија ги намали испораките на гас, а цените достигнаа рекордно високо ниво.
Наместо тоа, се додава во написот, Комисијата планира да ги ограничи даночните правила на ЕУ за да ја фаворизира електричната енергија пред нафтата и гасот, и да им олесни на владите да ги намалат даноците за електрична енергија на индустриите на нула. Сепак, се додава дека ова е според нацрт-документите, кои сè уште би можеле да се променат пред објавувањето.
ЕУ, исто така, би се вклучила за да ги координира напорите на земјите за полнење на складиштата за гас во наредните месеци и да обезбеди насоки за тоа како владите треба да се справат со потенцијалниот недостиг на гориво за авиони.
Референтната цена на гасот во Европа е приближно за една третина повисока отколку пред почетокот на војната на 28 февруари.
„Најголемите добавувачи на нафта и гас во ЕУ – САД и Норвешка – се надвор од Блискиот Исток, а кризата во Иран сè уште не предизвикала недостиг на гориво во Европа. Сепак, авиокомпаниите предупредија дека недостигот на гориво за авиони би можел да се појави за неколку недели“,
се додава во написот на Ројтерс.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ вчера објави дека ќе има значително намалување во летниот распоред, намалувајќи вкупно 20 000 летови на кратки релации до октомври. Овој потег од компанијата велат дека е поттикнат од наглото зголемување на цената на авионското гориво, која се удвои од избувнувањето на војната во Иран кон крајот на март, и прекините во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.
Инаку, на почетокот на месецов од организацијата „АЦИ Европа“ (ACI Europe) предупредија дека европските аеродроми ќе се соочат со „системски“ недостиг на гориво за авиони доколку Ормускиот Теснец не биде целосно отворен во рок од три недели.
„АЦИ Европа“, која ги претставува аеродромите на ЕУ, изјави дека резервите на гориво за авиони се намалуваат, додека „влијанието на воената активност врз побарувачката“ дополнително ги оптоварува залихите.
Европските авиокомпании велат дека би требало да имаат доволно гориво за неколку недели, но добавувачите не се во можност да гарантираат испораки во мај.
Во своето писмо, „АЦИ Европа“ повика на следење на снабдувањето низ цела ЕУ за да ѝ помогне на индустријата да го координира својот одговор.
