На новинарско прашање, дали за ова прекршување ќе побара одговорност од директорот на тетовската болница, односно дали ќе го разреши од функцијата, Филипче не даде конкретен одговор, но рече дека по завршувањето на истрагата и инспекцијата од ДСЗИ, сите што треба ќе понесат одговорност
Пожарот во тетовската модуларна ковид-болница наметна повеќе прашања во јавноста, меѓу нив и за тоа зошто се дозволувале посети на заразените пациенти. Ова прекршување излезе на виделина по синоќешниот пожар во кој загинаа 14 лица, а меѓу првите кои помагале да се евакуираат ковид-пациентите биле и членови на нивните семејства кои во тој момент биле во посета во модуларната болница.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека не само во ковид-центрите, туку и на инфективните одделенија не е дозволена посета.
„Посетите се забранети и ќе инсистирам на точна проверка што се случило, колку придружници имало и како бил организиран целиот тој процес“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Во јавноста се шпекулираше дека посетите или придружбата на ковид-болните била дозволена, бидејќи немало доволно медицински персонал, но министерот вели дека има доволно кадар и тоа се обезбедува по принципот на ротација.
„Сега со вакцинацијата има некое укажување дека со сертификат за вакцинација членовите на семејствата може да ги посетуваат болните, но не и да ги чуваат. Посетите се традиционална глетка во нашите болници и од искуство знам дека тоа тешко може да се изменаџира и забрани. Од утре, ова ќе го истражува Државниот здравствен и санитаерен инспекторат (ДЗСИ)“,
рече Филипче.
На новинарско прашање, дали за ова прекршување ќе побара одговорност од директорот на тетовската болница, односно дали ќе го разреши од функцијата, Филипче не даде конкретен одговор, но рече дека по завршувањето со истрагата и инспекцијата од ДСЗИ, сите што треба ќе понесат одговорност.