Комисијата ќе ги иницира измените и дополнувањата на законите под кои спаѓа иницијативата, односно Законот за управување на конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка и Законот за постапување со бесправно изградени објекти
На имплементација на иницијативата за конфискација на дивоградбите и нивна реупотреба, која дојде на предлог на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ќе работи посебна комисија во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Комисијата е во состав од пет градоначалници и членови на Управниот одбор на ЗЕЛС, нивни стручни тимови од општината, како и претставници од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за правда.
„Прифаќањето на предлогот и во истиот момент формирање на комисија е силен показател за потребата за имплементирање за иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти во законско решение. Воедно, ова покажува колку е голем и сериозен проблемот со бесправното градење, узурпирање и присвојување на државното земјиште во сите општини, во целата држава“,
се наведува во соопштението од Општина Центар во кое се информира за новоформираната комисија.
Комисијата, како што е наведено во соопштението, ќе ги иницира измените и дополнувањата на законите под кои спаѓа иницијативата, односно Законот за управување на конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка и Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, им заблагодари на градоначалниците од ЗЕЛС за поддршката на неговата иницијатива и порача дека комисијата се формира во вистинско време зашто законите кои треба да претрпат измени веќе се влезени во собраниска процедура.
„Законското решение за оваа иницијатива би било огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби. Само за една градба на Водно потребни се околу пет милиони денари само за онеспособување, но не и целосно отстранување на нелегалниот објект. Само во Општина Центар има околу 10-ина големи дивоградби додека на државно ниво се неколку стотици“,
се додава во соопштението на Општина Центар.
Една од нив е дивоградбата на булеварот „Никола Карев“ на делот познат како Пластичарска улица. Земјиштето под него е на Република Македонија, односно е државно и е наменето за паркинг. Зградата е дивоградба, но не само поради тоа што нема одобрение туку и затоа што е на јавен имот.
Дека се гради див објект на конкретната државна парцела среде Скопје, поточно на територија на Општина Центар, се знае од 2016 година.