Според министерот за транспорт и врски, иницијативата треба да се доработи со предлози кои ќе дестимулираат бесправно градење. Во оваа насока, спомена зајакнување на капацитетите на инспекциските служби, зголемување на паричните казни за нелегално изградени објекти, како и ангажирање на надворешни компании кои би им помагале на општините во справувањето со објектите од втора категорија
И министерот за транспорт и врски Благој Бочварски даде поддршка за иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, која предвидува конфискација наместо уривање на дивоградбите. Сепак, според него, иницијативата треба да се дополни со предлози во насока на дестимулација на бесправно градење.
„Одземањето на објектите сметам дека нема целосно да го реши проблемот, но застанувам позади иницијативата и сметам дека е добро да се отвори широка дискусија на оваа тема. Иницијативата е добра, но треба да се доработи во одредени делови. Клучно е да се зајакнат капацитетите на инспекциските служби, да се интервенира во Законот за градежно земјиште со зголемување на глобите и ангажирање на надворешни компании кои би им помагале на општинските служби во справувањето со објектите од втора категорија“,
нагласил Бочварски за време на средбата со градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски на Бочварски му ја претставил иницијативата на конфискација и реупотреба на дивоградбите, посочувајќи ја како пример соседна Албанија, која проблемот со нелегално изградените објекти го решава со формирање на инспекторат кој има надлежност за рушење и конфискација на дивоградбите.
„Наместо да се занимаваме со развој на општината, ние треба да рушиме објекти, за чие рушење општината нема доволно средства. Намерата на оваа иницијатива е да се интервенвира во два закони: Законот за постапување на бесправни објекти и Законот за управување со конфискуван имот“,
посочил Герасимовски на средбата.
Герасимовски минатата недела доби поддршка и од министерот за правда Кренар Лога, со кого се согласиле дека по однос на оваа иницијатива е неопходна и јавна дебата, а се согласиле да се формираат работни групи кои веднаш ќе започнат со прецизирање на деталите за формирање на предлог-законските измени.
Целта на иницијативата е конфискација и пренамена на дивоградбите наместо нивно рушење, а за тоа е потребна интервенција во два закони – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.
Пред средбите со министрите за правда и за транспорт и врски, Герасимовски својата иницијатива ја претстави и пред Управниот одбор на ЗЕЛС, од кого, исто така, доби поддршка.