Со договорот се заокружува процесот на воспоставување на системот „One Stop Shop“ со трите соседни земји на Македонија кои не се дел од Шенген зоната. Системот веќе функционира со Србија и со Косово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот албански колега, министерот Бесфорт Љамалари, попладнево во пограничниот град Пешкопеја во Албанија потпишаа Договор за воспоставување на заеднички гранични премини и заеднички гранични контроли меѓу Северна Македонија и Албанија.

Договорот, како што пишува Тошковски во објава на Фејсбук, претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и помодерно управување со македонско-албанската граница, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите на двете земји. Со договорот се заокружува процесот на воспоставување на системот „One Stop Shop“ со трите соседни земји на Македонија кои не се дел од Шенген зоната.
„Нашата цел е јасна – побрз проток на луѓе и стоки, намалување на времето на чекање и истовремено зајакнување на безбедноста преку координација и заедничко делување. Им благодарам на сите тимови кои работеа на подготовката на овој договор, како и на министерот Љамалари за партнерството и успешната соработка“,
пишува министерот на Фејсбук.
Потпишувањето на Договорот следува откако владите на Северна Македонија и на Албанија кон средината на месецов го изгласаа пуштањето во употреба на системот за зеднички гранични проверки „One Stop Shop“. Воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин „Ќафасан“, а потоа ќе биде проширен и на останатите гранични премини со соседна Албанија.
