Поранешни професионални војници, кои сè уште работат во Министерството за одбрана, ќе бидат вклучени за директно обезбедување во редарската служба во болниците, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
„Разговаравме дека директното обезбедување за редарската служба најверојатно ќе го реализираме со еден дел од поранешните професионални војници кои сè уште работат во Министерството за одбрана и тие ќе бидат првата линија на поддршка. Тие нема да бидат ниту униформирани ниту вооружени, но ќе обезбедат ред и информации за граѓаните“,
рече Шекеринска денеска при посетата на Армискиот полигон „Криволак“.
Министерката информираше и дека дополнително на денешната седница на Главниот штаб се согласиле дека одреден број санитетски возила со возачи од страна на Армијата да бидат отстапени за некои болници и на клиниките во Скопје.