Бушра беше обвинета дека не го завршила периодот на чекање пропишан од исламот, наречен „идат“ откако се разведе од претходниот сопруг и се омажи за Кан
Поранешниот пакистански премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Кан се осудени на седум години затвор и парична казна од судот кој во 2018 година пресуди дека нивниот брак е незаконски, објави неговата партија. Ова е трета неповолна пресуда за поранешниот премиер оваа недела пред националните избори в четврток, на кои му е забрането да учествува.

Затворениот Кан (71) во последните денови беше осуден на 10 години затвор за оддавање државни тајни и 14 години заедно со неговата сопруга за незаконска продажба на владини подароци. И двајцата беа казнети со по 500 000 рупии (1 800 долари), објави Ари њуз (ARY News).
Бушра беше обвинета дека не го завршила периодот на чекање пропишан од исламот, наречен „идат“ откако се разведе од претходниот сопруг и се омажи за Кан. Имран и Бушра го потпишаа својот брачен договор, наречен „ника“, во јануари 2018 година на тајна церемонија седум месеци пред харизматичната поранешна суперѕвезда на крикетот по првпат да стане премиер.
Имаше полемики за тоа дали се венчале пред крајот на тој период. Откако првично го негираше бракот во јануари, партијата на Кан, пакистанската Техрик е инсаф (ПТИ) го потврди тоа неколку недели подоцна. Имран и Бушра негираа дека сториле нешто лошо.
Кан е во затвор во гарнизонскиот град Равалпинди, додека на неговата сопруга ѝ е дозволено да ја отслужи казната во нивната вила на врвот на ридот во Исламабад. Тој веќе се соочува со 10-годишна дисквалификација од вршење јавна функција. Засега не е јасно дали казните мора да се издржуваат истовремено или последователно.