Протестот, според МВР, завршил без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир
На денешниот протест во Крива Паланка, Министерството за внатрешни работи (МВР) постави полициски кордон на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир и на улицата „Св. Јоаким Осоговски“, со цел да се обезбеди сигурноста на граѓаните.
Од МВР информираат дека протестот завршил без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Претходно, дел од медиумите објавија дека за време на протестот дошло до туркање меѓу дел од присутните и полицијата.
Револтираните граѓани бараат од надлежните институции конечно да преземат конкретни мерки и да го решат проблемот со добитокот, кој предизвикува штети на земјоделските површини и приватните имоти, но претставува и опасност за безбедноста на луѓето и сообраќајот.
На протестот присуствуваа и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, како и пратениците Борислав Крмов од Левица и Љупчо Николовски од СДСМ.
