Иако Шредер го опиша рускиот напад врз Украина како „фатална грешка“, тој сепак одбива да го критикува Путин, со кого има долгогодишно пријателство
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер денеска повторно се понуди да посредува во преговорите меѓу Русија и Украина, а официјална Москва веднаш ги поздрави неговите изјави.
„Добрите лични односи како оние меѓу Путин и Шредер можат да помогнат во решавањето на проблемите“,
рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Герхард Шредер за време на неговиот мандат постојано покажувале дека добрите приватни односи можат да бидат корисни.
„Тоа помогна во решавањето на најтешките прашања и во постепеното подобрување на билатералните односи“,
рече Песков.
Поранешниот канцелар во интервју за германската агенција ДПА го понуди своето посредништво во евентуалните разговори меѓу Москва и Киев.
„Со години соработувавме разумно. Можеби тоа сè уште може да помогне во изнаоѓање решение за преговори“,
рече Шредер.
Иако Шредер го опиша рускиот напад врз Украина како „фатална грешка“, тој сепак одбива да го критикува Путин, со кого има долгогодишно пријателство.
Долгогодишното пријателство со Путин, руската агресија ја нарече „фатална грешка“
Поради неговото инсистирање на пријателство со Путин, раководството на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), чиј член е Шредер, жестоко го критикуваше и му се закани дека ќе го исклучи од партијата. Меѓутоа, процесот за смена на Шредер, кој беше канцелар од 1998 до 2005 година, не успеа.
Долго време по нападот на Путин врз Украина, Шредер ги задржа водечките профитабилни позиции во руските енергетски компании, вклучително и во конзорциумот за балтички гасоводи.
Во меѓувреме, на поранешниот прв човек на СПД му е одземено правото на канцеларија и персонал, на кои има право како поранешен канцелар. Поради Шредер, сегашната партија предводена од социјалдемократот Олаф Шолц иницираше промена во законот со која ќе се намали правото на поранешните претседатели на држави и канцелари на бенефиции по напуштањето на функцијата.
Шредер рече и дека верува оти „Франција и Германија треба да преземат иницијатива“.
„Очигледно е дека војната не може да заврши со целосен пораз на едната или другата страна“,
смета тој.
Шпекулациите дека Путин би можел да започне нуклеарна војна или да нападне некоја од земјите на НАТО на источното крило, поранешниот германски канцелар ги опиша како „глупости“. Но, за да се запре на прво место ескалацијата на ваквите сценарија и да се спречи поголема загриженост кај населението, покрај поддршката за Украина, мора сериозно да се размисли и за решението на конфликтот, нагласи тој.