Регионот испраќа пораки со сочувство за семејствата на загинатите во трагичната автобуска несреќа во Бугарија во која загинаа најмалку 46 лица
Изрази на сочувство пристигнуваат од целиот регион по повод трагичната сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку 45 лица.
„Нема зборови на утеха за трагедијата на автобусот од Северна Македонија во Бугарија, каде што животот го загубија речиси сите патници. Огромна болка.“
напиша албанскиот премиер Еди Рама во објава на Фејсбук.
Сочувство по повод трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија изрази и известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук.
„Изразувам длабоко сочувство за болката и страдањето на роднините на настраданите и им посакувам брзо закрепнување на повредените во оваа тешка катастрофа. Во мрачен ден како денешниот, нашите две земји споделуваат заедничка болка, покажуваат емпатија, што е својствено за соседни земји, како Република Бугарија и Република Северна Македонија. Во овој момент нашите мисли се со вас и жалиме за загубата во страшната несреќа“,
наведува Ќучук во пораките за сочувство.
Бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа.
„Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји“,
наведува Румен Радев.
Шефот на бугарската држава ги повика одговорните институции да ги утврдат причините што довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.
Лидерот на ГЕРБ, пак, Бојко Борисов, му изразил сочувство на премиерот Зоран Заев по повод тешката сообраќајка и го уверил дека настраданите што се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија ќе ја добијат најквалитетна медицинска нега.
„Телефонски разговарав со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев. Му изразив сочувство за загинатите граѓани на неговата земја во сообраќајната несреќа на автопатот “Струма’“,
напиша на Фејсбук Борисов.
Претседателот Вучиќ, лично и во име на граѓаните на Србија, упати најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и народот во Северна Македонија, а на повредените им посакува брзо и успешно закрепнување.
„Не постојат зборови со кои може да се опише болката што ја споделуваме со граѓаните на вашата земја. Молчејќи пред оваа трагедија, упатуваме молитви за утеха до семејствата на жртвите и до целиот ваш братски народ. Србија и сега е со вас, подготвена да ја даде сета потребна помош и поддршка, бидејќи не сте сами во оваа трагедија“,
стои во телеграмата на Вучиќ.