Најголем дел од повредните се во Истанбул, па затоа и жителите се вознемирени и сметаат дека градот е изложен на висок ризик од земјотрес
По серијата потреси откако вчера силен земјотрес од 6,2 степени по Рихтер го погоди Истанбул во Турција, жителите на овој град ноќта ја минаа на отворено, пренесува „Вашингтон пост“.
Плашејќи се да се вратат во своите домови, но и стравувајќи од нов посилен земјотрес, голем број жители на Истанбул одлучија ноќта да ја поминат во своите автомобили или со поставување шатори во парковите и паркинзите.

Многумина, пак, запалија огнови да се загреат по падот на температурите во вечерните часови.
Потресот се случи вчера во 12:49 часот по локално време во Мраморното Море во близина на брегот на областа Силиври во Истанбул.
Епицентарот на земјотресот, според ЕМСЦ, бил на длабочина од шест километри.
Истанбул е дом на повеќе од 15 милиони жители, а земјотресот бил почувствуван и во соседните провинции.
Во земјотресот, најмалку 236 лица се повредени поради падови, скокови или паника.
Најголем дел од повредните се во Истанбул, па затоа и жителите се вознемирени и сметаат дека градот е изложен на висок ризик од земјотрес.
Инаку, земјотресите се честа појава во Турција. Сè уште им се свежи сеќавањата кога во 2023 година во Турција се случија силни земјотреси, во кои загинаа повеќе од 53 илјади лица.