Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека опозициските партии намерно бегаат од договор за да го спречат гласањето на дијаспората и да си обезбедат алиби за следниот изборен циклус
Политичкиот театар на СДСМ, Левица и ДУИ не поминува кај јавноста бидејќи јасно се докажа дека овие партии немаат никаква намера да постигнат договор за нов Изборен законик – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција, обвинувајќи ја опозицијата дека го покажала своето вистинско лице пред граѓаните.

Според него, наводните повици од едните за седнување на заедничка маса и експресните одбивања од другите претставуваат само провидна игра и тврди дека нивната единствена и вистинска цел е да се блокира носењето на новиот Изборен законик и со тоа свесно да се спречи олеснувањето на процесот за гласање на дијаспората. Дополнително, оценува дека опозицискиот блок намерно го саботира законот за да си подготви терен и изговори во пресрет на следни избори.
„Ова е приказната која уште сега ја кажуваме, а ќе се оствари на следните избори токму од коалицијата на СДС, Левица и ДУИ. Нов Изборен законик нема, а за тоа директно е виновна оваа коалиција“,
вели Манасиевски.
