Дел од парите од продажбата, во износ од 2 701 189 денари, пријавените ги префрлиле на сопствени банкарски сметки и на сметки на блиски лица

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица – управители и сопственици на фирма, како и против самото правно лице. Пријавените се товарат за кривично дело даночно затајување по член 279 од Кривичниот законик, со што го оштетиле државниот буџет за вкупно 4 677 362 денари.
Според соопштението од Финансиската полиција, првопријавениот Д. П. како управител, второпријавениот Г. З., сопственик и потписник на сметка, и третопријавениот И. Ѓ. како претходен сопственик на фирмата, во април 2024 година договориле и реализирале продажба на линија за производство на кабли.
Вкупната вредност на продажбата била 14 514 000 денари, сума која не била внесена во сметководствената евиденција на правното лице.
Дел од парите од продажбата, во износ од 2 701 189 денари, пријавените ги префрлиле на сопствени банкарски сметки и сметки на блиски лица.
Остатокот од продажбата бил компензиран со патничко моторно возило вредно 1 537 500 денари и кабли вредни 1 516 500 денари. Овие средства исто така не биле пронајдени во фирмата, ниту евидентирани.
Исто така, додаваат од Финансиската полиција, првопријавениот управител Д. П., во име на фирмата, не ги отпишал и не ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи кои датирале од 2022 година, во вкупен износ од 17 380 716 денари.
Со наведените дејствија пријавените не пресметале, не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност во износ од 272 970 денари, данок на добивка во износ од 3 764 991 денари и данок на личен доход во износ од 639 401 денари, со што го оштетиле Буџетот на државата за вкупен износ од 4 677 362 денари.
