Одделот кој известува за активностите на службата за имиграција не дал многу детали за настанот, и само навел дека ангажираните агенти спроведувале надзор на последната позната адреса на илегален мигрант за кого имало извршна наредба за депортација
Според информациите што ги пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на информации од групи кои се против антиемигрантските политики на актуелната американска администрација, убиениот е 26-годишен Колумбиец кој имал дозвола за работа во Соединетите Американски Држави (САД) и имал број за социјално осигурување
Стотици луѓе синоќа се собраа во градот Бидефорд во американската сојузна држава Мејн во знак на протест откако агент на Федералната служба за имиграција застрела и уби 26-годишен колумбиски државјанин, пренесоа светските медиуми.

Речиси 12 часа по инцидентот, Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД соопшти дека агентот на Федералната служба, позната под англискиот акроним ICE, отворил оган врз лице кое се обидело да им избега на агентите додека се обидувале да го запрат неговото возило.
Од Секретаријатот не соопштиле детали и не разјасниле на кој начин и како возачот претставувал закана. Инцидентот, според информациите, се случил околу 7 часот наутро по локално време во градот Бидефорд, кој се наоѓа на околу 24 километри јужно од Портланд, најголемиот град во државата Мејн.
Одделот кој известува за активностите на службата за имиграција не дал многу детали за настанот, и само навел дека ангажираните агенти спроведувале надзор на последната позната адреса на илегален мигрант за кого имало извршна наредба за депортација.
Според одделот илегалниот мигрант го напуштил станот со возило и бил следен од агенти на службата. Од Агенцијата, пак, не соопштиле дека лицето кое го напуштило станот било под надзор. Од Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД додале дека локалната полиција и агенти на Федералното истражно биро (FBI) пристигнале на местото на настанот.
Според информациите што ги пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на информации од групи кои се против антиемигрантските политики на актуелната американска администрација, убиениот е 26-годишен Колумбиец кој имал дозвола за работа во Соединетите Американски Држави (САД) и имал број за социјално осигурување. Сепак, засега не е познат идентитетот на убиенот, ниту како е познато дека станува збор за колумбиски државјанин.
„Ова е разорно, вознемирувачко и неприфатливо“,
изјавиле од здруженијата „Колација за права на имигрантите“ и „Презента! Мејн“ во заедничко соопштение.
Во врска со инцидентот реагираше и пратеникот од редовите на демократите во Претставничкиот дом на сојузната држава Мејн, Марк Мелон, кој побара одговори за настанот и транспарентна истрага.
„Луѓето од нашата заедница се згрозени од она што се случи денес, од фактот што едно лице беше застрелано и убиено утрово тука, на улиците на Бидефорд, Мејн. Иако сè уште треба да октриеме многу работи и сè уште немаме многу информации, им препуштам на надлжените органи да ја спроведат истрагата. Но, сакаме одговори и отворена и транспарентна истрага“,
изјави Мелон.

Вчерашниот настан го зголеми бројот на убиени лица во антиимигрантската кампања, што трае откако американскиот претседател Доналд Трамп го почна својот втор мандат во Белата куќа во јануари 2025 година и започна кампања за масовни депортации. Според бројките, во кампањата досега се убиени најмалку седум лица од страна на агенти на имиграциската служба.
Инаку, вчерашното пукање се случува шест дена откако агент на имиграциската служба го застрела и уби 52-годишниот Лоренцо Салгадо Араухо за време на сообраќајна контрола во Хјустон, Тексас, како дел од она што агенцијата го нарече целна антиимиграциска операција. Од имиграциската служба тогаш соопштија дека Салгадо, мексикански државјанин кој нелегално престојувал во Соединетите Држави повеќе од три децении, прво се забил во возилото на агентите, а потоа се обидел да удри еден од нив со својот автомобил, по што службеникот отворил оган во самоодбрана.
Агенцијата не обезбеди докази за настанот, а во слични инциденти во текот на изминатата година, првичните изјави на службата и Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД за неопходноста од употреба на сила беа побиени со видеоснимки или други докази, пишува Ројтерс.
