Дојавата за бомба во законодавниот дом на Србија доаѓа по денешната седница која ја одбележаа бројни инциденти во кои беа повредени три пратенички
Вицепремирот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ соопшти дека вечерва стигнала пријава за поставена бомба во зградата на српскиот парламент.

„Околу 20 часот и 47 минути на системот ‘192’ е пријавено дека во Народното собрание е поставена бомба“
изјавил Дачиќ, пренесоа српските медиуми.
Од српското Министерство за внатрешни работи соопштиле дека во парламентот веднаш биле испратени контрадиверзантски екипи за да извршат проверка на целиот објект.
Инаку, дојавата за бомба во законодавниот дом на Србија доаѓа по денешната седница, која ја одбележаа бројни инциденти.
Во Народното собрание во Белград изби тепачка, летаа шишиња и беа запалени димни бомби од страна на дел од опозициските пратеници.
Во инцидентот три пратенички завршија со повреди, од кои една, Јасмина Обрадовиќ, доживеа мозочен удар и се наоѓа во болница.
Опозициските пратеници развиорија транспарент на кој пишуваше „Србија се крева за да падне режимот“ и држеа српско знаме, додека во пленарната сала се ширеше црн и бел чад од димните бомби.
Тие ја обвининија владејачката Српска напредна партија (СНС) и претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ дека немаат легитимитет да носат закони, откако Милош Вучевиќ си поднесе оставка од функцијата премиер, која сè уште ја извршува бидејќи претседателот Вучиќ нема именувано нов.
Пратениците на владејачката коалиција, и покрај инцидентите ја продолжија расправата за повеќе од 60 точки на дневниот ред. Седницата заврши во 18 часот, а е предвидено да продолжи утре во 10 часот.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ вечерва во телевизиско гостување коментирајќи го инциндентите изјави дека денеска бил тежок ден за земјата и за секој нејзин нормален граѓанин, поради, како што кажа, насилничкото и хулиганско однесување на опозицијата.
Истовремено, тој најави дека ќе бараат кривична одговорност за оние што ги предизвикале инцидентите.
Немирите во српскиот парламент избија додека ширум земјата неколку месеци се одржуваат протести предводени од студентите, кои бараат одговорност од властите за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.