Доскорешниот министер без ресор ќе биде координатор за транспарентност и одговорно владеење, додека Роберт Алаѓозовски е разрешен од координатор за култура, па е именуван за координатор за интеркултурализам
Роберт Поповски, кој беше министер без ресор во претходната Влада, се враќа на „Илинденска“ бр.2, ама како национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.
На денешната седница, Владата го именувала Поповски на новата функција, откако на 30 август годинава, со изборот на новиот кабинет на Зоран Заев, нему му престана мандатот како министер без ресор – задолжен за отчетност и транспарентност.
Новата влада на Заев има 19 министри или седум помалку од претходната, отакако старо-новиот премиер реши да ги укине функциите министер без ресор. Во неговата претходна влада имаше и десетина национални координатори за различни области (и актуелниот претседател Стево Пендаровски пред изборот за шеф на државата беше национален координатор за национална безбедност), ама не и за транспарентност и одговорно владеење – позиција на која сега доаѓа Поповски.

На денешната владина седница е именуван и национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. На тоа место доаѓа поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, кој пред именувањето на новата функција е разрешен од позицијата национален координатор за културата и меѓуресорска соработка.

Заев, пред извесно време најави дека дел од пранешните членови на Владата и Собранието, од редовите на СДСМ, ќе бидат ангажирани на други функции во извршната власт, за да не одат на апанажа.
Вицепремиерот за спречување корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, пак, на денешната владина седница, добил уште една обврска . Тој ќе го следи спроведувањето на новиот Кодекс за членови на Владата и за носители на јавни функции именувани од Владата.