Опозицијата најавува амандмани на предложените владини мерки за намалување на акцизата за горивото и ДДВ-то за прехранбените производи
Денеска попладне треба да почне собраниската седница на чиј дневен ред единствени точки се измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи.
Измените и дополнувањата вчера беа доставени од Владата, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа седницата за денеска во 15 часот.
Според Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Овие закони се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 отсто. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси се исто така опфатени, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони, според Владата ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.
Владата и премиерот Димитар Ковачевски упатија апел до пратениците веднаш да ги усвојат законските измени и дополнувања, за да се обезбеди брза имплементација на донесените мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите.
Опозицијата најавува амандмани на предложените владини мерки за намалување на акцизата за горивото и ДДВ-то за прехранбените производи. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, вели ќе бараат намалување на акцизата за гориво за 50 отсто.
Со амандмани ќе интервенира и Алијанса за Албанците, доколку Владата не прифати акцизата за бензинот да се намали од 22 на 15 денари, а за дизелот од 15 на 9, а во исто време да се намали и ДДВ-то на нивото од 18 февруари.
„Доколку не го прифатат овој предлог, кој е целосно во интерес на граѓаните, тогаш задолжително во собраниска процедура ќе интервенираме со амандмани за измените кои претходно ги споменавме, како за ДДВ-то и за акцизите на нафтените деривати“,
вели Аднан Незири.
Од СДСМ сметаат дека опозицијата не треба да реагира со дополнителни предлози.
Од денеска нафтените деривати се продаваат по повисока цена во просек за 1,67 отсто, соопшти вчера вечер Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според РКЕ, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат и остануваат 93 и 95 денари, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за три денари и изнесува 97 денари.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство е зголемена за 2,5 денари и изнесува 92,50 денари, а на мазутот за 1,404 денари и изнесува 60,569 денари за килограм.
„Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“,
соопшти РКЕ.
Воведувањето нова маржа за трговците со горива, односно нејзиното драстично намалување за 33 проценти од 4.5 на три денари, ќе ги принуди сопствениците да ги затворат бензинските станици во источниот дел на државата, велат од Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои работат во источниот дел на Македонија.