Од 14 до 15 часот, ВМРО-ДПМНЕ најави блокада на сообраќајот пред Регулаторната комисија, а од 18 часот Конфедерацијата на синдикални организации ќе одржи мото-синдикален граѓански марш кој ќе заврши пред Собранието
Два протестни марша против поскапувањето на струјата се најавени за попладнево во Скопје.
Првиот ќе започне во 14 часот и го организира опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, како продолжение на протестот што се одржа пред два дена. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вчера на прес-конференција најави дека денешниот протест предвидува блокирање на сообраќајот на улицата пред Регулаторната комисија во центарот на Скопје. Протестот што ќе почне пред ТЦ „Палома Бјанка“ ќе трае еден час.
И конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) од 18 часот најави протестен мото-синдикален граѓански марш, кој ќе тргне од ТЦ „Чаирчанка“ и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и Собранието. Организаторите најавија дека во него ќе учествуваат 10 до 20 возила и стотина граѓани, кои ќе го изразат незадоволството од покачување на цената на струјата.