Собранието со 95 гласа „за“ изгласа и одложување на локалните избори за втората половина на октомври
Собранието ги донесе вечерва измените на Законот за попис, со што статистичката операција што првично беше планирано да почне вчера, на први април, се е одложува за периодот од 5 до 30 септември.
На истата седница се донесени и измени на Изборниот законик, со кои, меѓу другото, се предвидува одложување на годинашниве локални избори за втората половина на октомври, наместо да се одржат во првата половина на тој месец. Со тоа ќе се овозможи кампањата за локалните избори да почне откако ќе заврши теренската фаза од пописот.
Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за“, а „против“ гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за“, додека 12 (колку што брои коалицијата Алијанса/Алтернатива во парламентот) беа „против“. Сепак, според информациите од парламентот, меѓу пратениците кои биле во салата и гласале против е и Изет Меџити, доскорашниот координатор на ДУИ.
Исто така, со 95 гласа „за“ беа донесени измените на Изборниот законик, кои беа поднесени од сите пратенички групи и за кои немаше расправа. Против и воздржани немаше. Во гласањето по Бадентер, 27 пратеници припадници на заедниците гласаа „за“, а против и воздржани немаше.
Законите ќе стапат во сила откако ќе ги потпише и претседателот Стево Пендаровски и ќе бидат објавени во „Службен весник“.
Откако пратениците го „верификуваа“ договорот што го постигнаа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот, а за што согласност дадоа и другите парламентарни партии, со исклучок на опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, Собранието продолжи со гласање на законите од други шест седници, чии продолженија беа закажани денеска. Се очекува во текот на ноќта да се гласа за педесетина закони што беа блокирани во изминатиот период.