„Можеме да зборуваме за случајно оштетување. Нема основа да се верува дека истекувањето било предизвикано од саботажа“, изјави највисокиот полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура Матеуш Бергер откако полскиот оператор на нафтоводот ПЕРН соопшти за истекување од полскиот дел од нафтоводот „Дружба“ кое е откриено вчеравечер
Нема основа да се верува оти истекувањето во полскиот дел од нафтоводот „Дружба“ е предизвикано од саботажа, изјави Матеуш Бергер, највисок полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура откако претходно денеска полскиот оператор на нафтоводот ПЕРН соопшти за истекувањето од нафтоводот кое е откриено вчеравечер.
„Можеме да зборуваме за случајно оштетување. Нема основа да се верува дека истекувањето било предизвикано од саботажа“,
изјави највисокиот полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура Матеуш Бергер, јави Ројтерс.
Портпаролот на противпожарната бригада Карол Киерзковски за државната телевизија ТВП инфо изјави дека главната акција што се спроведува е испумпување на течноста, лоцирање на истекувањето и негово запирање.
„Кога ќе се намали притисокот (со испумпување), истекувањето ќе престане и ќе ни овозможи да стигнеме до локацијата“,
рече тој додавајќи дека истекувањето нема опасност за локалните жители.
Полскиот оператор на нафтоводот ПЕРН претходно денеска рече дека истекувањето од едната од двете линии од нафтоводот „Дружба“ било откриено во дел од цевката на околу 70 километри од централниот полски град Плоцк.
Втората линија од гасоводот, посочија од операторот, работи нормално.
Откривањето на истекувањето на главната рута што носи нафта до Германија, за која полскиот оператор рече дека го пронашол во вторникот вечерта, доаѓа во време кога Европа се соочува со тешка енергетска криза како последица на инвазијата на Москва на Украина.
Нафтоводот „Дружба“, чие име на руски значи пријателство, е еден од најголемите во светот кој снабдува руска нафта во поголемиот дел од централна Европа, вклучувајќи ги Германија, Полска, Белорусија, Унгарија, Словачка, Чешка и Австрија.