Прекин во водоснабдувањето имаше денеска во поголем дел од Тетово поради голем дефект на една од главните водоводни цевки, јави порталот Тетово Инфо.
Поради дефектот и истекувањето вода, како и поради дождот, поплавена беше улицата Цветан Димов со што беше отежнато движењето по таа сообраќајница на која се наоѓаат објектите на СВР Тетово и на Архивот.
„Оценуваме дека околу 60 насто од градот се соочи со прекин во водоснабдувањето. Станува збор за пукната стара салонитна цевка која и при изведувањето на работите, поради дотраеност, продолжи да пука по нејзината должина. Работниците започнаа со интервенција во 11 часот и 30 минути и ќе се работи се до завршување – поправка на дефектот односно замена на водоводната цевка. Работниците од претпријатието од работната единица „Водовод и канализација“ ќе бидат максимално ангажирани за побрзо и поефикасно санирање на дефектот“,
изјави раководителот во ЈКП Тетово, Љуљзим Шаќири.
Овој период водоводната мрежа во Тетово има максимална издашност од своите извори од 400 литри вода во секунда.