Според листата на повици испратени до полицијата, може да се види дека првиот повик за помош пристигнал пред напаѓачот да влезе во училиштето и дека на полицијата и требало повеќе од еден час да влезе во училницата каде што бил и да пука во него
Полковник Стивен МекКроу од Одделот за јавна безбедност во Тексас призна дека е направена грешка при проценката на ситуацијата во основното училиште „Роб“ во Увалде, Тексас, во кое 18-годишен напаѓач уби 19 деца и двајца возрасни.
Според листата на повици испратени до полицијата, може да се види дека првиот повик за помош пристигнал пред напаѓачот да влезе во училиштето и дека на полицијата и требало повеќе од еден час да влезе во училницата каде што бил и да пука во него.
За време на прес-конференцијата денеска, полковникот МекКроу особено го критикуваше времето потребно за да го совлада напаѓачот.
„Наместо веднаш да упаднат во училницата и да се обидат да го совладаат напаѓачот, полицајците кои ја воделе акцијата решиле да се обидат да ги земат клучевите од чуварот и да чекаат да пристигне тактичката екипа со опремата неопходна за пробивање на вратата. Од позицијата на која сум сега, се разбира дека тоа не беше правилна одлука. Беше погрешна одлука. Нема оправдување за тоа. Но, повторно, не бев таму“,
рече МекКроу.
Тој рече дека смета оти упадот требало да се изврши што е можно поскоро и да се сменат правилата во ситуација кога напаѓачот е активен.
Според листингот објавен од Секторот за јавна безбедност, првиот телефонски повик во полиција бил упатен во 11.30 часот додека напаѓачот се уште бил надвор од зградата и бил со оружје во рацете. Безбедносните камери покажаа дека една минута подоцна напаѓачот почнал да пука на училишниот паркинг, а потоа покрај него поминал полициски автомобил, но напаѓачот во тој момент не бил забележан, бидејќи бил скриен зад други автомобили.
Престрелката во самото училиште започнала во 11.33 часот. Две минути подоцна на лице место биле вкупно седум полицајци. Тројца влегуваат во училиштето, потоа уште тројца и еден шериф. Во 12.03 часот во училишниот ходник има 19 полицајци додека напаѓачот пука во училницата. До 12.50 часот, кога тактичката екипа упаднала во училницата и го убила напаѓачот, учениците повеќе од 10 пати повикале полиција и кажале што прави напаѓачот и колку деца биле застрелани.