Полицијата вечерва упаднала во чајџилница во село Арачиново и го привела сопственикот, дознава „360 степени“. Неофицијално, чајџилницата работела до доцна вечерва и покрај тоа што работата на угостителските објекти е ограничена до 18:00 часот.
Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти стапија на сила на 18 декември 2020 година. Нивната цел е да се спречи ширењето на ковид-19 и зголемувањето на бројот заболени за новогодишните и божиќните празници. Важноста на мерките престанува на 21 јануари.
МВР речиси секојдневно соопштува за прекршувања на мерките, а угостителите бараат Владата да им дозволи уште од понеделник да работат до 23:00 часот, со оглед на тоа што бројките на новозаразени од ковид-19 сигнализираат дека ситуацијата се смирува.
Денеска, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека логично е барањето на угостителите, но последниот збор за тоа, како што рече, ќе го има Комисијата за заразни болести – не порано од 21 јануари.
