Директорот на училиштето, Немања Јоксимовиќ, вели дека досега никогаш немало никакви проблеми со ученикот и додава дека по пукотницата сите ученици безбедно ја напуштиле зградата

Српското Министерство за внатрешни работи објави дека 17-годишен ученик од Техничкото училиште во Крагуевац е уапсен под сомнение дека утрово ранил едно лице, веројатно со огнено оружје. Според министерството, уште едно лице е повредено во инцидентот, како последица на скршено стакло.
„Полициската администрација во Крагуевац околу 8 часот утрово била информирана дека во Првото техничко училиште во Крагуевац се случил инцидент во кој се повредени две лица, од кои едното најверојатно е повредено од огнено оружје, а другото поради скршено стакло“,
се вели во соопштението од МУП.
Од полицијата додаваат дека нема повредени ученици од училиштето и оти екипите се на терен и интензивно работат на утврдување на сите факти и околности за овој настан.
Директорот на училиштето, Немања Јоксимовиќ, изјавил дека по пукотницата што се случила утрово учениците безбедно ја напуштиле зградата.
Како што изјави, ученик од четврта година ранил колешка, чиј живот не е загрозен.
„Со брзата реакција на МВР, ученикот е уапсен. Сè уште ја следиме ситуацијата и ќе направиме сѐ што можеме за што поскоро нормализирање на наставата“,
вели Јоксимовиќ.
Во врска со неофицијалните информации за постоење список, директорот на училиштето изјави дека во моментов нема такви информации и дека полицијата спроведува истрага.
На прашањето дали ученикот што беше уапсен претходно бил проблематичен, Јоксимовиќ одговори дека никогаш немало никакви проблеми со него.
„Учениците безбедно ја напуштиле институцијата. Тоа се случило за време на првиот час, така што тоа е добра околност во оваа ситуација“,
додава Јоксимовиќ.
Радојко Дамјановиќ, раководител на училишната администрација во Крагуевац, за РТС изјавил дека училиштето веднаш ги презело сите потребни мерки за да ја осигури безбедноста на учениците по пукањето и дека, во соработка со експерти, ќе се утврди план за понатамошни активности.
„Инцидентот се случил на самиот почеток на училишниот ден, за време на првиот час. Училиштето веднаш ги презело сите активности за да ја обезбеди безбедноста на учениците. Сите моментално се во своите домови, дури и учениците од соседното Економско училиште“,
рече Дамјановиќ.
Тој нагласи дека сите одговорни за безбедноста на учениците се собираат за да донесат одлуки за продолжување на наставата, а дека вечерва ќе се одржи седница на Наставничкиот совет.
Додаде дека ќе се утврди план за работа со учениците од целото училиште, но особено со учениците од класот од кој ученикот е уапсен.
За потсетување, две лица беа повредени утрово во инцидент во Техничкото училиште во Крагуевац. Станува збор за двајца помошни работници во училиштето.
Српски „Н1“ пренесува дека очевидци и матуранти од ова училиште неофицијално изјавиле дека ученикот бил исклучително повлечен и досега не предизвикал никакви проблеми во училиштето.
