Според информациите на МВР, полицискиот службеник, кој во моментот не бил на работа, и неговите двајца сопатници биле нападнати од групата напаѓачи, по што полицаецот испукал неколку пати во воздух со службениот пиштол, а дел од напаѓачите избегале
Двајца од напаѓачите се во притвор, а на нападнатите им е пружена лекарска помош во Клиничкиот центар во Скопје
Ноќеска, на околку еден час по полноќ, неколку лица во два автомобили му го блокирале патот на друго возило во кое се наоѓале три лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на смена. Откако им го попречиле патот, почнале да удираат по нив и по возилото во кое се наоѓале.
Нападот се случил на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, во близина на клучката за Радишани.
Според информациите на МВР, полицискиот службеник, кој во моментот не бил на работа, и неговите двајца сопатници биле нападнати од групата напаѓачи, по што полицаецот со иницијали П. П. испукал неколку пати во воздух со службениот пиштол, а дел од напаѓачите избегале.
„Според пријавеното, лицата со иницијали Н. Б., Е. Б. и М. С., кои биле со возило ‘бмв’, како и неколку лица кои биле со возило ‘цитроен’ му го блокирале патот на возилото ‘рено’ во кое биле П. П., Д. К. и Ф. Г. и почнале да удираат по возилото и физички ги нападнале. Потоа П. П. испукал неколку пати во воздух од службениот пиштол, по што лицата кои биле со возило ‘цитроен’ избегале“,
се вели во полициското соопштение.
Двајца од напаѓачите, Н. Б. и Е. Б., кои биле со возило „бмв“, се приведени веднаш по инцидентот.
На нападнатиот полицаец и на останатите две лица им е пружена лекарска помош во Клиничкиот центар во Скопје.
Мотивите за нападот не се познати. За инцидентот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.