Според Благојче Атанасоски, различните стојалишта на власта и опозицијата за изборната 2024 година може да доведат до бојкот на претседателските избори од ВМРО-ДПМНЕ, ако не биде прифатено нивното барање за спојување на парламентарните со претседателските избори догодина. Ова, вели тој, би донело институционална криза, што би влијаело и врз динамиката на процесот на пристапување на земјава кон Европската Унија
Политикологот Благојче Атанасоски генерално не е за одржување различни избори во исто време, на пример, парламентарни со претседателски. Тој во емисијата „360 степени“ рече дека локални, паламентарни и претседателски се три различни вида избори на кои граѓаните добиваат различна политичка понуда и не треба да се спојуваат ниту поради заштеда на средства.

„Доколку ние се доведеме во ситуација да имаме избор на претседател и нов собраниски состав во исто време, тогаш кампањата ќе биде целосно измешана, бидејќи пораките ќе бидат упатени кон гласачите само врз база на политичка подобност за да гласате одредена политичка партија, односно нема да се сосредоточиме на квалитетот на претседателскиот кандидат кој треба да го избереме за нов шеф на државата, туку политичката реторика повеќе ќе падне на победа на парламентарните избори за владејачката партија или доаѓање на опозицијата на власт“,
смета Атанасоски.
Тој вели дека законски утврдените рокови упатуваат на тоа дека ако догодина се случат редовни парламентарни избори, тогаш тие ќе бидат одвоени од претседателските, нешто што е веќе искажан став и на премиерот Димитар Ковачевски. Но, ако има политичка согласност меѓу власта и опозицијата, тогаш може Собранието да се распушти и да се случат предвремени парламентарни избори споени со претседателските, под притисок на опозицијата.

„Се соочуваме со различни стојалишта. Мислам дека владејачката партија СДСМ, заедно со сите коалициски партнери, оди во насока да договори еден претседателски кандидат заедно со, условно кажано, етнички албанските политички партнери, тука пред сè мислам на ДУИ и Алијанса за Албанците, сметајќи дека на куп ќе ги собере гласовите од сите етнички заедници и дека на тој начин СДСМ ќе победи со својот кандидат, па на бранот на таа евентуална победа ќе се создаде еден вид кревање на моралот на членството дека после победата на претседателските избори, би следувала номинално победа и на парламентарните“,
вели тој.
Атанасоски смета дека ваквите намери на власта му се јасни на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потсети на неговиот став дека ако парламентарите избори се одржат во 2024 година, тој ќе инсистира да бидат споени со претседателските, а во спротивно би ги бојкотирале.
„Досега не сме имале случај на отворен бојкот на една од доминантните политички партии, зборуваме генерално од левицата и од десницата, за бојкот на претседателски избори и тоа навистина би било опасна ситуација каде што ќе се отвори една уставно-институционална криза доколку ние законски не можеме во вториот круг да го постигнеме цензусот од 40 проценти плус еден излезен гласач“,
додава Атанасоски.
Атанасоски вели дека ваквата хипотетичка ситуација би имала последици и врз динамиката на процесот на пристапување на земјава кон Европската Унија.