Поделбата околу начинот на справување со корупцијата покажува како, дури и покрај она што се чини дека е еклатантен пример за корупција, членовите на бриселскиот систем – составен од илјадници добро платени бирократи и избрани функционери, од кои многумина уживаат правен имунитет како привилегија која оди со нивните работни места – се обидува да се заштити од контрола што може да ги загрози приходите или да ги попречи кариерите, заклучува „Политико“
Додека белгиската полиција започна втор бран рации во Европскиот парламент, запрепастената бриселска елита почна да се справува со непријатно прашање во срцето на истрагата за поткуп од Катар: Колку длабоко продрел „гнилежот“?, пишува бриселски „Политико“.
Досега полициските истраги започнати од белгискиот обвинител Мишел Клез ставија четири лица во притвор, меѓу кои и потпретседателката на Европскиот парламент Ева Каили, која се соочува со обвинение за корупција, перење пари и учество во криминална организација.
По завршувањето на првичниот шок од апсењата, неколку претставници на ЕП за магазинот „Политико“ изјавија дека веруваат оти обвинувањата ќе бидат ограничени на „неколку поединци“ кои залутале со наводното прифаќање на стотици илјади евра во готовина од Катар.
Но, оваа теорија имаше рок на траење до понеделникот вечерта, бидејќи белгиската полиција изврши уште една серија рации во канцелариите на парламентот токму во моментот кога пратениците се собираа во Стразбур, една од двете локации на Европскиот парламент, на нивниот прв состанок по веста за апсењата објавена во петокот.
Со претреси во 19 резиденции и канцеларии – покрај Парламентот – шест лица уапсени и суми од најмалку еден милион евра, некои претставници и активисти на ЕУ рекоа дека веруваат дека ќе бидат вовлечени повеќе имиња во проширената мрежа – и дека скандалот со поткупот во Катар станува симптом за многу подлабок и пораспространет проблем со корупцијата не само во Европскиот парламент, туку и во сите институции на ЕУ.
Во Парламентот, слабиот надзор над финансиските активности на членовите и фактот што државите можеа да контактираат со нив без воопшто да ги евидентираат средбите во јавен регистар, претставува рецепт за корупција, тврдат овие критичари.
Надвор од ЕП, тие ја посочија отворената (ротирачката) врата на високи функционери кои тргнуваат да им служат на приватни интереси по престојот во Европската комисија или Советот како доказ дека е потребен построг надзор над институциите. Други се повикаа на наследството на Комисијата на Жак Сантер – која масовно поднесе оставка во 1999 година – како доказ дека ниту една институција на ЕУ не е имуна од незаконско влијание.
За потсетување, наводите за корупција поврзани со поедини комесари на ЕУ во 1998 година доведоа до истрага за административни пропусти (неспособност и несоодветна пракса) од страна на таканаречениот Комитет на независни експерти. И покрај расчистувањето на случајот со повеќето комесари, во извештајот беше наведено дека тие не нашле ниту едно лице кое покажува најмало чувство за одговорност. Бидејќи вмешаните комесари одбија да поднесат оставка, а претседателот на Европската комисија немаше овластување да разрешува комесари поединечно. Сантер и целата негова Комисија поднесоа оставки на 15 март 1999 година, на самиот ден на објавувањето на извештајот. На негово место привремено дојде тогашниот потпретседател на Комисијата Мануел Марин, бидејќи мандатот на кабинетот на Сантер истекуваше за половина година.
„Судовите ќе одредат кој е виновен, но она што е сигурно е дека не е само Катар и не се вклучени само поединците кои се именувани во операции за странско влијание“,
вели за „Политико“, Рафаел Глуксман, француски пратеник од редовите на социјалистите и демократите, кој раководи со Комисијата против странско мешање во ЕП.
Мишел ван Хултен, поранешен пратеник кој сега ја предводи канцеларијата на „Транспаренси Интернешнл“ во ЕУ, рече дека, иако станува збор за ретки случаи на корупција во кои се вклучени вреќи со готовина, „сосема е веројатно дека има имиња во овој скандал за кои сè уште не сме слушнале. Има влијание во размери што досега не сме ги виделе. Не мора секогаш да станува збор за вреќи со готовина. Тоа може да вклучува патувања до далечни дестинации платени од странски организации – и во таа смисла имаме поголем проблем“.
Дополнителен проблемот е фактот што ЕП нема вградена заштита за внатрешните укажувачи, и покрај тоа што гласаше за таква заштита за граѓаните на ЕУ, додаде тој. Во далечната 1998 година, свиркач го разоткри лошото менаџирање во Комисијата на Сантер и предизвика масовна оставка на извршната власт на ЕУ.
Глуксман, исто така, повика на „исклучително длабоки реформи“ на системот што им овозможува на пратениците да имаат повеќе од една работа, го става надзорот над личните финансии во рацете на комисијата за саморегулирање составена од пратеници и им дава пристап на државните актери до пратениците без да мора да ги регистрираат јавно меѓусебните средби.
„Ако Парламентот сака да излезе од ова, ќе мораме да удриме силно и да преземеме исклучително длабоки реформи“,
додаде Глуксман, кој претходно ги именуваше Русија, Грузија и Азербејџан како земји кои се обидуваат да влијаат на политичките одлуки во Парламентот.
За да започне со решавање на проблемот, Глуксман повика да се формира ад хок истражен комитет во Парламентот, додека другите левичарски и пратениците на Зелените побараа реформи, вклучително и именување на потпретседател за борба против корупцијата да ја замени Каили, која беше исклучена од групата на социјалисти и демократи во понеделникот, и формирање на етички комитет кој ќе ги надгледува сите институции на ЕУ.
Чашата полуполна
Други, сепак, се помалку убедени дека истрагата за корупција ќе излезе со нови имиња или дека фактите објавени минатиот петок зборуваат за некој поширок проблем во ЕУ. Запрашан за степенот на скандалот со поткупот, еден висок функционер на парламентот кој побара да остане анонимен рече:
„Колку и да е ова сериозно, тоа е прашање на поединци, на неколку луѓе кои донеле многу лоши одлуки. Истрагата и апсењата покажуваат дека нашите системи и процедури функционирале“.
Валери Хајер, француска пратеничка од центристичката група „Ренју“, даде сличен коментар, велејќи дека иако е длабоко загрижена за „ризикот за нашата демократија“ поврзан со странско мешање, таа не верува дека скандалот укажува на „генерализирана корупција“ во ЕУ.
„За жал, има лоши јаболка“,
рече таа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е на удар на критики поради нејзиното справување со договорите за вакцинација против ковид-19 со „Фајзер“, на брифинг со новинарите одби да одговори на прашањата за односите на нејзиниот потпретседател Маргаритис Схинас со Катар, што предизвика бес кај бриселскиот печат.
Грчкиот комесар ја претставуваше ЕУ на церемонијата на отворањето на Светското првенство минатиот месец, а беше критикуван од европратениците поради твитови во последниве месеци, со пофалби за работните реформи во Катар.
Запрашан за одговорот на Комисијата за корупцискиот скандал во Катар што го зафати Европскиот парламент, а особено за ставот на Схинас, фон дер Лајен молчеше.
Сепак, се чини дека Фон дер Лајен даде поддршка за создавање на независно етичко тело кое би можело да ги истражи неправилностите во сите тела на ЕУ.
„Овие правила [за лобирање од државните актери] се исти во сите три институции на ЕУ“,
рече високиот претставник на парламентот, мислејќи на Европската комисија, Парламентот и Европскиот совет – тркалезната маса на владите на ЕУ.
Поделбата околу начинот на справување со корупцијата покажува како, дури и покрај она што се чини дека е еклатантен пример за корупција, членовите на бриселскиот систем – составен од илјадници добро платени бирократи и избрани функционери, од кои многумина уживаат правен имунитет како привилегија која оди со нивните работни места – се обидува да се заштити од контрола што може да ги загрози приходите или да ги попречи кариерите, заклучува „Политико“.